„Како дишам јас“ – Сергеј Настески со концерт на македонска традиционална музика во Прилеп

Камената бина во Прилеп во среда (8 јули) ќе биде местото каде љубителите на македонската традиционална музика ќе можат да уживаат во концертот на народни инструменти „Како дишам јас“. Настанот започнува во 19:30 часот, а зад него стои младиот прилепски музичар Сергеј Настески.

Настески е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а концертот се реализира со поддршка на проф. д-р Марјан Јанкоски. На сцената ќе му се придружат неговите колеги Дарио и Мила Тренески, Антонио Трајкоски, Теодор Стојковски, Петар Коштрески, Калина Антовска и Славица Томова, како и членови на КУД „Мирче Ацев“ – Прилеп, кои ќе придонесат за автентично доловување на македонскиот фолклор.

Публиката ќе има можност да проследи богата програма со народни песни, инструментални композиции и ора. На репертоарот се „Како дишам јас“, „Патруно моме“, „Единаесетка“, „Велигденско“, „Поле широко“, „Драчевка“, „Стојане, луда делијо“, како и сплетови ора: „Ратевка – Ситна лиса“, „Излегу да се рашета“, „Осоговка“, „Дека ти е, Тинке“, „Црна се чума“ и „Белина“.

Сергеј Настески е роден во Прилеп. Основното образование го завршил во ООУ „Кочо Рацин“, а првите музички чекори ги направил во ОМУ „Ордан Михајлоски – Оцка“. Средното музичко образование го стекнал во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип, а денес е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Во текот на своето образование има освоено повеќе од 20 први награди, три специјални признанија и титулата „Лауреат“ на државни и меѓународни натпревари. Активно настапува на концерти и фестивали во земјата и странство, претставувајќи ја македонската музичка традиција како член и соработник на повеќе културно-уметнички друштва.

Со концертот „Како дишам јас“, младиот прилепчанец испраќа порака дека традиционалната македонска музика не е само дел од минатото, туку жива културна вредност што заслужува да се негува и пренесува на новите генерации. Организаторите ги покануваат сите љубители на изворниот македонски мелос да бидат дел од оваа музичка вечер исполнета со автентични звуци, виртуозни изведби и почит кон богатото музичко наследство.

Слични Објави