Претреси во Прилеп поради сомнежи за злоупотреби во Општата болница

Управата за финансиска полиција денеска изврши претреси на осум локации во Прилеп во рамки на предистражна постапка што ја води Основното јавно обвинителство (ОЈО) Прилеп. Истражните дејствија се поврзани со сомневања за кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување, поврзано со финансиското работење на Општата болница со проширена дејност во Прилеп.

Според соопштението на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, постои сомнеж дека во изминатиот период биле направени нерегуларности во трошењето на јавните средства во здравствената установа.

„Обезбедени се наредби за претрес на осум локации, а дејствијата ги презема Управата за финансиска полиција. По претресите, предистражната постапка ќе продолжи со други дејствија за обезбедување докази“, информираат од ЈО.

Инаку, уште минатата година, новото раководство на болницата алармираше за сериозни финансиски проблеми. Јавноста тогаш беше информирана дека установата наследила долгови од над 193 милиони денари, при што сметката ѝ била блокирана. Тие сознанија биле причина Финансиската полиција да започне истрага за можни злоупотреби.

Иако засега не се соопштени имиња или конкретни обвиненија, акцијата на институциите сигнализира сериозност на сомнежите. Истражните органи не ја исклучуваат можноста да бидат повикани или осомничени поранешни и сегашни раководители на болницата.

Слични Објави