Од август студентите ќе добијат можност за практична работа во општините
Владата од август ќе ја започне програмата „Месеци на практикантство“, со која студентите ќе добијат можност да се вклучат во работата на општините преку практична работа што ќе се реализира во текот на август и септември. Целта на програмата е младите да стекнат практично искуство и активно да се вклучат во подобрувањето на локалната самоуправа.
Иницијативата ја најави ВМРО-ДПМНЕ, од каде што посочуваат дека програмата ќе се спроведува во соработка со државните универзитети и ќе биде дел од стратешката соработка меѓу Министерството за локална самоуправа и Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА.
Според најавите, Агенцијата ИНОВА ќе го координира вклучувањето на студентите, додека Министерството за локална самоуправа ќе ја организира практичната работа во согласност со потребите на општинските администрации.
„Наместо да бидат неми набљудувачи, младите ќе станат активни учесници во подобрувањето на локалната самоуправа“, соопштија од владејачката партија.
Во рамки на програмата, преку грант-програмите на ИНОВА ќе се поддржат стартапи, иновативни компании и претприемачи кои ќе понудат конкретни решенија за проблемите со кои се соочуваат општините.
„Средствата ќе одат кај идеи што носат резултати, а не кај проекти што завршуваат во фиока“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека програмата треба да придонесе за зајакнување на локалната самоуправа и за подобро поврзување на институциите, универзитетите и бизнис-заедницата.
Засега не се објавени детали за начинот на пријавување, критериумите за избор на студентите или бројот на учесници што ќе бидат опфатени со програмата.
Практикантството во јавните институции беше дел и од предизборните ветувања на владејачката партија, која најавуваше отворање на институциите за волонтерска и практична работа. Сепак, според платформата „Компас“, која ги следи владините ветувања до средината на мандатот, оваа мерка досега не била реализирана.
Според податоците на платформата, од 31 следено ветување поврзано со младите, реализирани се четири, пет се во тек на исполнување, додека 22 сè уште не се реализирани. Меѓу нив се и ветувањата за младински центри во секој град, можност секој студент да работи со скратено работно време, 5.000 обуки за дигитални вештини, како и воведување младински попусти за театар, автобуски превоз и спортски натпревари.
фото – ИНОВА


