Ново уредено Детско катче во Градската библиотека „Борка Талески“
Детското катче во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп повторно е опремено и ставено на располагање на најмладите посетители, информираше директорката Андриана Ристеска.
Обновениот простор е создаден со цел да им овозможи на децата пријатна и поттикнувачка средина за дружење со книгите, читање и развивање на љубовта кон пишаниот збор уште од најрана возраст.
„Љубовта кон книгата се гради од мали нозе. Затоа е важно децата да почувствуваат дека библиотеката е место каде што секогаш се добредојдени и каде што ги очекува топол прием“, истакнуваат од библиотеката.
Од установата нагласуваат дека обновувањето на Детското катче претставува дел од заложбите за унапредување на условите за најмладите читатели и поттикнување на читачката култура кај децата.
Библиотеката ги поканува родителите и најмладите да го посетат новоуредениот простор, каде што преку книгите, едукативните содржини и дружењето ќе можат да го развиваат своето знаење, креативност и љубов кон литературата.


