Пазарџиите од Прилеп – Бараат итно отстранување на „дивите продавачи“ од јавните површини
Претседателот на здружението „Пазари“ од Прилеп, Звонко Мирчески, упати јавно обраќање до градоначалникот на Прилеп, во кое изразува сериозно незадоволство од, како што наведува, присуството на нелегални продавачи во градот.
Во објавата, Мирчески реагира дека дел од земјоделските и други производи се продаваат надвор од официјалниот градски пазар, на јавни површини и паркинзи со кои стопанисува ЈП ПУП. Според него, таквата пракса создава нелојална конкуренција за регуларните продавачи кои редовно ги подмируваат своите обврски кон ЈКП „Пазари“.
Тој посочува дека оваа појава е присутна и во централното градско подрачје, како и во близина на железничката станица, при што, како што наведува, се создаваат нехигиенски услови и нарушување на јавниот ред и изгледот на градот.
„Се работи за продавачи кои никнуваат како печурки и го претвораат градот во нехигиенски и непримерен простор“, стои во обраќањето.
Мирчески апелира до локалната самоуправа и надлежните институции да преземат итни мерки за дислокација на овие продавачи и нивно организирање на соодветни локации. Тој додава дека, доколку не се постапи по барањата, здружението „Пазари“ би можело да преземе порадикални чекори, што би имало последици врз работењето на ЈКП „Пазари“.



