„Не несреќите, туку хаосот по нив ни одзеде два часа“
Во Фејсбук групата „ЕКО СВЕСТ ПРИЛЕП“ беше објавена реакција од граѓанин кој во петокот вечерта патувал кон Прилеп и бил затекнат од двете сериозни сообраќајни несреќи што го блокираа сообраќајот на двата главни патни правци кон градот.
Во својата објава, тој наведува дека најголемиот проблем не биле самите несреќи, туку недостигот од навремени информации, организација и пренасочување на сообраќајот.
Граѓанинот посочува дека прво наишол на целосно затворен експресен пат од Скопје кон Прилеп, пред новите тунели, по што бил принуден да се врати назад и да продолжи по стариот пат преку Росоман. Според него, иако полицијата веќе била на терен, немало навремено пренасочување на возилата, поради што стотици возачи непотребно стигнувале до блокадата и потоа се враќале.
Проблемите, како што пишува, продолжиле и кај Плетвар, каде поради превртен камион повторно бил целосно запрен сообраќајот. Иако на терен имало полициски службеници и службени возила, никој не ги информирал возачите што се случува, колку ќе трае застојот и дали постои алтернативен пат.
По повеќе од еден час чекање, граѓанинот пешки стигнал до местото на несреќата, каде, како што наведува, полициски службеник му кажал дека патничките возила можат да се вратат и преку селото Плетвар да стигнат до Прилеп.
„Таа информација требаше да ја добијат сите возачи уште на почетокот. Патот е во лоша состојба и не е асфалтиран, но за патничките возила беше единствениот излез. Повеќето од нас не ни знаевме дека постои таква можност“, наведува тој.
Во објавата се истакнува дека во долгите колони имало семејства со деца, луѓе кои се враќале од работа и странски туристи, кои, според авторот, изгубиле најмалку два часа не поради самите несреќи, туку поради недоволната комуникација и организација.
Во продолжение, авторот го отвора и прашањето за долгогодишното доцнење на современото патно поврзување на Пелагонискиот регион, оценувајќи дека патниот правец кон Прилеп и Битола со години претставува сериозен безбедносен ризик и заслужува многу повисок инфраструктурен приоритет.
На крајот, тој апелира институциите да извлечат поука и во иднина да обезбедат подобра организација, навремено информирање и јасно пренасочување на сообраќајот при вакви ситуации.
Објавата завршува со искрено сочувство до семејството на загинатиот во трагичните сообраќајни несреќи.
https://www.facebook.com/groups/2658425041046647/posts/4101368026752334


