|

Oдржан координативен состанок, упатен апел до граѓаните за совесно однесување

Во пресрет на летната сезона, во Општина Прилеп беше одржан координативен состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување, посветен на превенцијата и справувањето со пожари на отворено, како и на спречувањето на појавата на нови диви депонии.

На состанокот учествуваа претставници на локалната самоуправа, Територијалната противпожарна единица – Прилеп, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, јавните комунални претпријатија, ЈП „Македонски шуми“ – подружница Прилеп и Армијата. Беа разгледани досегашните активности и утврдени конкретни задачи за наредниот период.

Од Општина Прилеп информираат дека, согласно препораките на Владата, веќе е извршен инспекциски надзор кај субјектите што поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола, со цел почитување на еколошките стандарди и намалување на ризикот од загадување.

Според надлежните, Територијалната противпожарна единица е целосно подготвена за интервенции, додека јавните комунални претпријатија продолжуваат со расчистување на критичните точки и активности за одржување на јавната чистота.

Од локалната самоуправа упатија апел до граѓаните да се однесуваат совесно и одговорно, да не палат оган на отворено и да не создаваат диви депонии, бидејќи и најмала невнимателност може да предизвика пожари, материјални штети и да ги загрози човечките животи и животната средина. Само со заедничка одговорност, велат од Општината, може успешно да се спречат ваквите појави.

Слични Објави