Инвестициите во урбаното зеленило бараат и одговорен однос од граѓаните
Прилепските комунални работници денеска реализираа активности за разубавување на централното градско подрачје, при што извршија бојадисување на жардиниерите пред старата општинска зграда и нивно уредување со засадување на грмушкасти украсни растенија.
Акцијата е дел од континуираните заложби на јавното претпријатие за одржување на чиста, уредена и зелена животна средина во градот. Со новиот изглед на жардиниерите се подобрува естетиката на овој фреквентен дел од центарот и се создава попријатен амбиент за граѓаните и посетителите.
Од претпријатието апелираат до граѓаните да покажат поголема грижа и одговорност кон јавниот простор. Имено, и покрај нивната намена, жардиниерите често се користат за фрлање отпушоци од цигари и друг ситен отпад, што придонесува за нарушување на нивниот изглед и функција.
„На оваа локација се поставени корпи за отпадоци пред влезот на старата општинска зграда, како и на само неколку чекори, на платото пред Тринаесеткатницата. Ги повикуваме граѓаните да ги користат овие корпи и заеднички да придонесеме за почиста градска средина“, порачуваат од јавното претпријатие.
Грижата за јавните површини е заедничка одговорност на институциите и граѓаните. Само со соработка и почитување на јавниот простор може да се зачува уредниот изглед на градот.


