Прилеп го одбележа почетокот на нова ера за естетската групна гимнастика во Македонија
Под покровителство на Меѓународната федерација за естетска групна гимнастика и во организација на клубот за естетска гимнастика “АВАНТГАРД” од Прилеп, во периодот од 9 до 11 мај, се одржа Првиот национален семинар за судии и тренери во овој спорт. Настанот се смета за значаен чекор во развојот на естетската групна гимнастика во Македонија, а главна заслуга за успешната реализација има тренерката Александра Стојаноска од клубот „АВАНТГАРД“.
Во Прилеп се собраа учесници од речиси целата држава – тренери, судии и ентузијасти, кои меѓусебно разменија искуства и стекнаа нови знаења што ќе им помогнат во понатамошниот развој и афирмација на спортот. Главен предавач на семинарот беше Елена Дукова, потпретседателка на Меѓународната федерација за естетска групна гимнастика, која допатува од Бугарија. Таа во своето обраќање истакна:
„Во атмосфера полна со ентузијазам, знаење и страст, собравме тренери, судии и љубители на естетиката кои заедно го поставија темелот за иднината на овој спорт. Особена чест ни беше да ги доделиме првите национални судиски сертификати – со што официјално ја создадовме првата генерација на национални судии, подготвени да го поддржат развојот на естетската групна гимнастика на домашна сцена.“
Семинарот беше заокружен со свечена коктел-промоција, на која, во пријатна атмосфера, се одбележа не само успешниот крај на настанот, туку и почетокот на едно ново, возбудливо поглавје во историјата на овој спорт.
Од клубот “АВАНТГАРД” упатија благодарност до сите учесници, поддржувачи и особено до Елена Дукова за нејзината несебична поддршка, инспирација и споделено знаење, со пораката:
„Ова не беше само семинар – ова беше почеток на историја.



