Пешачка, велосипедска и атлетска патека од Новаци до манастирот Рождество на Пресвета Богородица

Во моментот се изведуваат градежни работи на изградбата на пешачка патека која ќе го поврзува влезот во село Новаци со манастирот Рождество на Пресвета Богородица.

Пешачката патека ќе има вкупна должина од 1440 метри, а проектот предвидува различни сегменти за пешаци, велосипедисти и атлети. Со вкупна должина од 378 метри, ќе се изградат поплочени делови за пешаци, додека велосипедистите ќе имаат на располагање 660 метри асфалтна патека. За љубителите на трчањето и спортот, на патеката ќе биде изградена и атлетска патека од тартан во должина од 400 метри.

Вредноста на проект изнесува 12.8 милиони денари, средствата за негово реализирање се обезбедени делумно преку Програмата за фосилни горива на Министерството за животна средина и просторно планирање, како и од Буџетот на Општина Новаци.

Проектот предвидува и изградба на нови инфраструктурни елементи, како што се гледалиште (отворена сцена) и парапетен ѕид, кои ќе го збогатат амбиентот и ќе ја подобрат функционалноста на патеката. Дополнително, во рамки на проектот ќе се изградат и смарт паркови со урбана смарт опрема, како и скејт парк. Планирано е и поврзување на оваа патека со два нови краци со вкупна должина од 345 метри.

„Ова е важен инфраструктурен проект кој ќе ја унапреди и разубави нашата општина, а истовремено ќе придонесе за развојот на туризмот во Новаци, особено во близина на манастирот Рождество на Пресвета Богородица“, изјави Стевче Стевановски градоначалник на Општина Новаци, додавајќи дека проектот е уште еден доказ за посветеноста на локалната власт во реализација на ветените цели.

Слични Објави