40 студенти од УКЛО на платена летна пракса во Општина Битола и јавните претпријатија

Четириесет студенти од Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола ова лето ќе имаат можност да стекнат практично искуство преку универзитетската летна пракса што четврта година по ред ја реализираат УКЛО и Општина Битола.

Студентите ќе ја извршуваат праксата во секторите на Општина Битола, Советот на Општината и јавните претпријатија кои се под нејзина надлежност. Праксата ќе се реализира во текот на летните месеци – јули, август и септември.

На средбата со идните практиканти, градоначалникот Тони Коњановски им посака успешна работа, истакнувајќи дека ваквите програми им овозможуваат на младите да се запознаат со функционирањето на локалната самоуправа и да придонесат за развојот на заедницата.

Ректорот Игор Неделковски нагласи дека иницијативата, која успешно се реализира веќе четири години, претставува пример што почнуваат да го следат и други институции во државата.

Секој студент ќе има можност да реализира практикантска работа во времетраење од еден календарски месец, за што ќе добива месечен надоместок од 10.000 денари во нето износ.

Слични Објави