Прилеп чекор поблиску до европски стандарди во управување со отпадот
Општина Прилеп добива значајна поддршка за модернизација на системот за управување со отпад, преку набавка на нова опрема која треба да придонесе за поефикасно собирање, селекција и третман на комуналниот отпад.
За прилепските домаќинства се обезбедени 8.318 канти со капацитет од 120 литри, наменети за примарна селекција на отпадот. Со нив граѓаните ќе можат поефикасно да го одвојуваат отпадот уште во своите домови, што претставува важен чекор кон зголемување на рециклирањето и намалување на количините отпад што завршуваат на депониите.
Покрај тоа, во градот ќе бидат поставени 126 нови контејнери од 1,1 метар кубен, кои ќе ги заменат старите и оштетени садови за отпад. Новите контејнери треба да придонесат за подобра јавна хигиена и поуреден изглед на градските површини.
Во рамки на проектот, Прилеп добива и девет специјализирани возила за собирање отпад, од кои три веќе се испорачани, додека останатите ќе пристигнуваат во наредниот период. Со тоа значително ќе се подобрат условите за работа на ЈКП „Комуналец“, а ќе се зголеми и ефикасноста во собирањето и транспортот на отпадот.
Дополнително, во тек е постапката за набавка и поставување на 48 полуподземни контејнери, инвестиција вредна над 18,6 милиони денари, обезбедена преку Министерството за животна средина и просторно планирање. Станува збор за современо решение кое овозможува поголем капацитет за складирање на отпадот, подобра хигиена и намалување на непријатните миризби во урбаните средини.
Овие активности се дел од пошироките реформи во секторот за управување со отпад во Пелагонискиот Регион. Прилеп е една од општините вклучени во регионалниот систем за управување со отпад, кој предвидува воспоставување современа инфраструктура за собирање, транспорт и третман на отпадот, со регионален центар и санитарна депонија во Новаци.
Паралелно со овие инвестиции, во Прилеп веќе функционира Собирен центар за селекција и одлагање на отпад, а во тек се активности за развој на дополнителни капацитети за селекција и рециклирање. Целта е што поголем дел од отпадот да биде повторно искористен, а што помалку количини да завршуваат на депонии.
Од локалната самоуправа посочуваат дека Прилеп со години е меѓу општините со најдобри резултати во селекцијата на отпадот и спроведувањето на еколошки политики. Со новите канти, контејнери, возила и идните инфраструктурни решенија, градот дополнително ги зајакнува своите капацитети за создавање почиста и поздрава животна средина.
Проектот претставува дел од националните и европските заложби за воспоставување одржлив систем за управување со отпадот, со кој треба да се подобри квалитетот на услугите за граѓаните, да се намали загадувањето и да се зголеми степенот на рециклирање во регионот.



