|

Прилепскиот рубин официјално стана национален симбол на Македонија

Гордост за Прилеп и Мариово! Македонскиот рубин, редок полускапоцен камен кој се среќава исклучиво во прилепско-мариовскиот регион, официјално доби државна заштита и статус на национален симбол на Македонија.

Со оваа одлука, државата за првпат прогласува минерал за свое национално обележје, признавајќи ја неговата уникатна природна, геолошка и културна вредност.

Прилепскиот рубин е познат по својата препознатлива малиново-розова боја и претставува вистински природен бисер на Македонија. Неговата единственост лежи токму во фактот што се наоѓа само во околината на Прилеп и Мариово, што го прави редок феномен и надвор од границите на земјата.

Со добивањето на официјалниот статус, рубинот од Прилеп и Мариово ќе биде дополнително промовиран и заштитен како дел од македонското национално наследство.

Македонскиот рубин, редок минерал кој се среќава исклучиво во регионот на Прилеп и Мариово, официјално доби статус на заштитен национален полускапоцен камен, со што за првпат државата прогласува минерал за свој национален симбол.

Одлуката ја соопшти министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, која истакна дека со завршувањето на постапката за заштита Македонија добива ново автентично обележје на своето природно и културно наследство.

„Го заштитивме македонскиот рубин. Денес државата добива нешто автентично македонско, официјално признаено и заштитено. Ова е само почеток – продолжуваме со заштита и на други уникатни минерални богатства“, изјави Божиновска.

Македонскиот рубин претставува разновидност на корунд со препознатлива малиново-розова боја, која потекнува од присуството на хром во неговата кристална структура. Според геолошките истражувања, минералот се среќава единствено во поширокото подрачје на Прилеп и планинските предели на Мариово, што му дава особена научна и колекционерска вредност.

Постапката за негово официјално признавање започна во септември 2025 година, а во неа учествуваа Геолошкиот завод, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Државниот завод за индустриска сопственост. Од Министерството најавуваат дека во следниот период ќе биде покрената и иницијатива за заштита на одредени видови македонски мермер.

Слични Објави