Брзите кредити ќе се исплаќаат исклучиво на трансакциска сметка веќе нема пари на рака
Министерството за финансии работи на измени на Законот за финансиските друштва со цел да се зајакнат контролата, транспарентноста и заштитата на граѓаните во секторот на брзите кредити.
Според најавените измени, финансиските друштва ќе бидат обврзани да формираат внатрешни тела, меѓу кои одбори за ревизија и за управување со кредитен ризик. Истовремено, ќе се воведат и построги услови за отворање нови деловни единици.
Една од клучните новини е што кредитите повеќе нема да можат да се исплаќаат во готовина. Наместо тоа, средствата ќе се префрлаат исклучиво на банкарска сметка на корисникот.
Измените предвидуваат и зголемување на минималната основна главнина што финансиските друштва треба да ја поседуваат за да можат да работат на пазарот.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека потребата од законските измени произлегува од спроведените контроли, при кои биле утврдени слабости и неправилности во работењето на дел од финансиските друштва.
„Во одредени случаи беа преземени конкретни мерки, вклучително и одземање лиценци за работа“, посочи министерката.
Од Министерството нагласуваат дека целта на новите законски решенија е да се обезбеди повисоко ниво на транспарентност, поефикасна супервизија и поголема заштита на граѓаните кои ги користат услугите на финансиските друштва.



