И ФАНТОМИ ВО ТРКА ПО 6.5 МИЛИОНИ ЕВРА НАРОДНИ ПАРИ
Во регистарот на медиуми за изборно рекламирање за локалните избори 2025 година, покрај телевизии, радиостаници и печатени медиуми, се појавија и дури 245 интернет портали. Но, значителен дел од нив воопшто не постојат – фантомски портали кои никогаш не биле активни или се пријавени со непостоечки домени.
Само еден поглед кон регистарот открива дека најмалку десетина пријавени портали не функционираат. На дел од нив, корисниците добиваат порака „Сајтот не е достапен“, а кај други стои „Account suspended“. Националниот регистар за домени дури потврдува дека дел од нив никогаш не биле ниту закупени, иако сопствениците ги пријавиле во ДИК како медиуми за изборно рекламирање.
Во листата на фантоми се најдоа: „Мкд.мкд“, „Канал12.мк“, „Југоисток.мк“, „Инфовест.мк“, „Регион.мк“, „Мкзабава.мк“, „Сигмак.мк“, „Екобалнс.мк“, „Цуцкат.далее.мк“, „Онтаргет.мк“, „Нопресс.мк“, „Телетексти.мк“ – сите со македонски „.мк“ домеин, но без ниту една вест достапна за јавноста.
Интересен е примерот со „Таргети.мк“ – пријавен во ДИК до крајниот рок на 12 август, а доменот закупен еден ден подоцна. И денес наместо вести, порталот покажува само порака „Maintenance mode is on“. „Информаторплус.мк“, пак, со домен регистриран во февруари, моментално е блокиран со известување „Account suspended“.
Во игра за државните пари се и новорегистрирани страници кои никој претходно не ги знаел, како „Инфотренд.мк“ (декември 2024), „Гвгливе.мк“ (јануари 2025), „Мојотштип.мк“ (февруари 2025), „Нова12“ (мај 2025), „Фактидитор.мк“ (мај 2025) – кој и денес е недостапен, како и „Алопресс.мк“ (јуни 2025).
Меѓу пријавените за рекламирање е и порталот „Грамофони.ком“ – на српски јазик и специјализиран за музика и продажба на грамофони и плочи, што уште повеќе ја отвора дилемата за критериумите со кои овие медиуми добиваат пристап до јавните пари.
Иако сите тие формално ги исполниле минималните услови за влез во регистарот, прашањето останува – како фантомски портали, без реална публика и без содржина, се најдоа во ист ранг со релевантни медиуми и сега може да бидат дел од потрошувачката на 6,5 милиони евра државни пари за изборно рекламирање.
Според податоците на ДИК, 22 пријави беа одбиени како неуредни, меѓу нив две телевизии, пет радиостаници, еден печатен медиум и 15 интернет портали. Но, и покрај тоа, останува впечатокот дека во регистарот за изборно рекламирање и понатаму има повеќе фантоми отколку вистински медиуми.



