Родители ќе плаќаат 250 евра ако не соработуваат при врсничко насилство
Родителите на деца кои се инволвирани во случаи на врсничко насилство, а одбиваат соработка со училиштата и институциите, ќе може да се соочат со парична казна од 250 евра. Ова го најави министерката за образование и наука Весна Јаневска, како дел од новите мерки за справување со насилството меѓу учениците.
Според најавените измени, санкцијата ќе се однесува на родители кои не се јавуваат на покани од училиштето, стручните служби или надлежните институции кога нивното дете е вклучено во инциденти со насилно однесување.
Од Министерството за образование посочуваат дека врсничкото насилство станува сè посериозен проблем во училиштата и бара поголема одговорност и од семејствата, а не само од образовните институции. Според Јаневска, во пракса постојат случаи кога родителите целосно избегнуваат комуникација, што дополнително го отежнува решавањето на проблемот.
Мерките се најавуваат во период кога јавноста е сè почесто сведок на тепачки, закани и агресивно однесување меѓу малолетници во училиштата низ државата.
Покрај можните казни, надлежните најавуваат и превентивни активности, психолошка поддршка за учениците и поголемо вклучување на стручните служби во училиштата.
Експертите предупредуваат дека врсничкото насилство не може да се реши само со санкции, но потенцираат дека активната улога на родителите е клучна за навремено препознавање и спречување на насилното однесување кај децата.



