|

Трагедија во Скопје: Институцинално непостапување или…?

Вчерашната смрт на мајка и ќерка во скопската населба Тафталиџе ја потресе јавноста. Трагедијата се случи во општина Карпош, во станбениот комплекс „Алумина“, каде според првичните информации, двете лица паднале од балкон на шести кат.



Настанот бил пријавен околу 14 часот на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“. На местото веднаш пристигнала екипа на Итната медицинска помош, која констатирала смрт кај мајката и детето. Полициски екипи и јавен обвинител извршија увид, а истрагата е во тек. Од надлежните институции засега не соопштуваат детали за мотивите и околностите под кои се случил настанот, најавувајќи повеќе информации по завршување на постапката.

Во меѓувреме, блиски на семејството јавно посочуваат на можни претходни проблеми поврзани со семејни односи и институционално непостапување.

Преку објава на социјалните мрежи, братот на починатата, Александар Стојановски, тврди дека трагедијата е резултат на долгогодишни институционални пропусти. Според неговите наводи, претходно биле пријавувани случаи на семејно насилство, физичко и психичко малтретирање, закани, како и сериозни инциденти во државна институција, но реакцијата на надлежните органи изостанала или била несоодветна.

„Денес потфрли МВР, социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата“, напиша Стојановски.

Тој додава дека, иако никој не може да ги врати загубените животи, семејството ќе бара правда и целосно расветлување на случајот.

Случајот повторно го отвори прашањето за постапувањето на институциите кога има пријава за семејно насилство. Според законската процедура, по пријава во МВР, полицијата е должна да направи проценка на ризик, да преземе итни заштитни мерки и да го извести обвинителството. Центарот за социјална работа треба да изготви проценка на состојбата и да предложи мерки за заштита и поддршка, додека судот може да изрече привремени мерки, вклучително и забрана за приближување.

Иако механизмите формално постојат, останува прашањето дали тие функционираат навремено, координирано и ефикасно во пракса.

Од институциите се очекуваат официјални информации во текот на денот.

Слични Објави