| |

Активен пожар на депонијата во Демир Хисар

Во изминатите 24 часа низ државата се регистрирани шест пожари на отворен простор, а активен останува пожарот на градската депонија во Демир Хисар, информира утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК). Според првичните информации, иако пожарот е под контрола, гаснењето е отежнато поради ветерот и специфичноста на материјалот што гори.

„Пожарот на депонијата опфаќа автомобилски гуми, што предизвика појава на густ црн чад. Гаснењето е во тек од вчера, 13 часот, со ангажман на пет пожарникари и две противпожарни возила“, соопшти ЈКП Комуналец од Демир Хисар.

Дополнително, во гаснењето се вклучени и пет работници со една градежна машина од јавното претпријатие, а е побарана и поддршка од приватен субјект со уште една градежна машина. Надлежните уверуваат дека нема проширување на пожарот кон останатите делови од депонијата, но ситуацијата се следи внимателно.

Во однос на вкупниот број итни повици, ЦУК информира дека на Единствениот број 112 биле примени 2.317 повици во текот на деноноќието, од кои 62,02 отсто биле оценети како реални. Најголем дел од нив биле пренасочени кон Полицијата (54,58%), Итната медицинска помош (40,08%) и Противпожарната служба (3,63%).

Центарот извести и дека за денеска е најавено минирање во каменоломот во Говрлево, во општина Сопиште, во сопственост на Цементарница УСЈЕ. Активноста ќе ја изврши фирмата МАК-ДРИЛ од Кавадарци во периодот од 10 до 15 часот.

Слични Објави