Даниел Кајмакоски киднапиран во Белград – осомничените во бегство
Српската полиција го спаси поп пејачот Даниел Кајмакоски откако синоќа бил киднапиран во Белград каде што претходно настапуваше.
Познатиот пејач Даниел Кајмакоски (43) синоќа доживеал вистинска драма откако беше киднапиран во близина на Бетон халата.
Благодарение на брзата интервенција на полицијата и специјалните единици, пејачот Даниел Кајмакоски беше ослободен од рацете на киднаперите, но, истрагата сè уште е во тек.
По ноќта помината во полициската станица, Кајмакоски е дома и во добра состојба, велат од ПР тимот на пејачот. Во објавата споделена на Фејсбук профилот на Кајмакоски, се наведува дека информацијата за киднапирањето е точна и дека полицијата трага по напаѓачите.
„Она што можеме да го потврдиме е дека полицијата трага по непознатите сторители кои се странци, кои го врзале и го возеле во неговиот автомобил барајќи му 20.000 евра. Возеле накај Рума, кога сообраќајната полиција се обидела да ги запре. Возилото удрило во банкина, киднаперите излегле од автомобилот и избегале. Даниел потоа поминал неколку часа во полициска станица“, се наведува во објавата.
Според неофицијални информации од медиумите во Србија, пејачот бил киднапиран од странски државјани, коишто комуницирале меѓусебно на англиски и турски јазик, му се заканувале со пиштол и барале од членовите на семејството и пријателите да дадат 20.000 за да го ослободат, објавија српските медиуми.



