|

При крај е изградбата на новиот спортски центар во Битола

Битола наскоро ќе добие нов современ Центар за спорт и спортски активности, капитален објект кој ќе обезбеди подобри услови за тренинг, подготовка и развој на спортот во градот.

Центарот е еден од шеснаесетте проекти финансирани од Владата преку Министерството за спорт, со вкупна вредност поголема од 43 милиони денари.

Во завршна фаза е довршувањето на фасадата на објектот, додека во внатрешноста се работи на поставување на подните површини.

Објектот е на два ката, со површина од околу 930 метри квадратни и максимална висина од 7,2 метри. Во приземниот дел се предвидени простории за физички активности, административен дел и помошни технички простории. На западната страна ќе биде сместена сала за тренинг со боксерски ринг и фитнес опрема, а предвидени се и машки и женски соблекувални со сопствени тоалети и бањи, како и тоалет за лица со попреченост.

На источната страна од објектот ќе функционира спортско-качувачки клуб со сала за тренинг и придружни простории, идентични на оние за боксерскиот клуб.

Салата за бокс и просторот каде ќе биде поставена карпа за болдеринг се проектирани како двовисински простории, што ќе овозможи современи услови за тренинг и натпревари.

На горниот кат се предвидени административни простории, чајна кујна, тоалети и галерија која ќе служи како гледалиште.

Во рамки на проектот ќе биде уредена и околината на објектот, со партерно уредување и паркинг простор.

Ова ќе биде место за тренинг и подготовка на битолските и македонските боксери. Битола има своја боксерска историја, а во сегашноста и свои шампиони, кои ќе добијат современи и модерни услови за нивните предизвици. – изјави  градоначалникот на Битола Тони Коњановски

Со изградбата на овој центар, Битола ќе добие нов спортски дом за битолските и македонските боксери, но и за љубителите на спортското качување. Градот со богата боксерска традиција и актуелни шампиони ќе располага со современи и модерни услови за идните спортски предизвици.

Слични Објави