Култура, велосипедизам и јавен простор – „Педали и приказни“ повторно го оживува Прилеп
Во организација на Форум за Авангардна Креативност – Прилеп (ФАК) и NGO Go Green, а со поддршка од фондацијата HEARTEFACT, во Прилеп продолжува реализацијата на проектот „Педали и приказни“, кој преку култура, уметност и велосипедизам има за цел да го врати јавниот простор кај граѓаните.
Проектот се реализира во соработка со Општина Прилеп, НУЦК „Марко Цепенков“, СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, СОУ „Ѓорче Петров“ и CLS Equipment, а опфаќа повеќе активности насочени кон младите, културните работници и локалната заедница.
Организаторите посочуваат дека во Прилеп, како и во многу помали градови во државата, културните настани најчесто се одвиваат во затворени институционални простори, поради што голем број млади и маргинализирани групи остануваат надвор од културните случувања. Токму затоа, преку „Педали и приказни“, културата се пренесува на улица – меѓу граѓаните, преку филм, музика, уметност и активизам.
Во рамки на четвртата епизода од проектот, која ќе се одржи во среда, 13 мај 2026 година, на градскиот плоштад и низ прилепските улици ќе се реализираат повеќе активности:
- од 17:00 до 19:30 часот – музичка програма со DJ PETE,
- во 18:30 часот – „Критична маса“, односно организирано возење велосипед низ прилепските улици,
- во 19:30 часот – проекција на еко филмовите „Слобода на две тркала“ и „Велоаџилак“.
Паралелно со настаните на отворено, ученици и нивните ментори од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ работат на изработка на мурал, кој ќе биде претставен пред прилепската јавност во рамки на последната епизода од проектот.
Со ваквите активности, „Педали и приказни“ има за цел да поттикне поголема граѓанска поврзаност, развој на вело-културата и користење на јавниот простор како место за креативност, дијалог и заедништво.



