Средношколец од Прилеп се претставувал како наставник и имал пристап до е-дневникот на државно ниво

Лажно се претставил дека е професор, му доделиле пристап во е-дневник

ОВР Прилеп поднесе известување против ученик во средно училиште од Прилеп, поради сомнение дека сторил кривично дело „компјутерски фалсификат“, откако со години се претставувал како наставник и добил пристап до системот на електронскиот дневник на државно ниво.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, пријавениот креирал лажен профил на социјални мрежи и се претставувал како наставник по англиски јазик во основно училиште во Виница. На тој начин стапил во контакт со вработена во Министерството за образование и наука.

Иако таа му укажала дека службената комуникација со наставници не треба да се одвива преку социјални мрежи, сепак му била отворена официјална електронска адреса од Министерството. Дополнително, преку нејзината корисничка сметка му биле доделени администраторски пристапи за е-дневникот, а му било доверено и координирање на комуникацијата со наставниците.

Со тоа, средношколецот добил пристап до податоци и активности поврзани со наставници од целата држава, како и можност да учествува во работата и координацијата на електронскиот дневник.

Од МВР наведуваат дека случајот траел од 2022 година до ноември 2025 година. Сомнежите биле пријавени откако поранешна в.д. директорка информирала дека професорка забележала бришење на податоци од системот.

По тоа, осомничениот ги избришал профилите на социјалните мрежи поврзани со лажниот идентитет, а подоцна бил избришан и службениот профил на електронската пошта од Министерството за образование и наука.

Случајот отвора сериозни прашања за безбедноста на образовните дигитални системи, контролата на пристапите и начинот на кој биле доделувани администраторски овластувања во системот на е-дневникот.

Слични Објави