(видео) Чембало и сопран – Прилепчани „прошетаа“ низ барокното доба
Вчеравечер во НУЦК „Марко Цепенков“ се одржа првиот концерт со чембало во Прилеп, редок и особено значаен музички настан за македонската културна сцена.
Под наслов „Музиката на европските дворови на XVII век“, концертот донесе македонско–српска уметничка соработка и вистинско патување низ барокната Европа, преку дела од Хенри Персел, Јохан Јакоб Фробергер, Елизабет Жаке де ла Гер и Доменико Скарлати.
Јована Топалов – чембало и Ана Митоска – сопран, со соисклучителна интерпретација ја доближија естетиката на барокната музика до прилепската публика.
Особен впечаток остави звукот на чембалото, инструмент кој е еден од симболите на барокната епоха, но во Македонија е вистинска реткост. За разлика од пијаното, кај чембалото звукот се создава преку механизам со перца кои ги „тргаат“ жиците, создавајќи јасен, светкав и препознатлив тон. Токму за оваа специфична техника на создавање звук зборуваше Јована Топалов, која во текот на концертот ја водеше публиката низ музичката програма со најави и кратки објаснувања за секоја композиција и за историскиот контекст на делата.
Таа комуникација со публиката му даде дополнителна вредност на концертот, претворајќи го не само во музички, туку и во едукативен настан. Посебно впечатлива беше и комбинацијата на чембалото со гласот на Ана Митоска, каде инструментот не беше само придружба, туку рамноправен партнер во музичкиот дијалог.
Публиката имаше ретка можност во живо да го почувствува автентичниот барокен звучен свет, спојот меѓу гласот и чембалото, карактеристичен за европските дворови од XVII век.
Концертот беше реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам.


