|

„СЦЕНА ЗА СЕЧИЈ СОН“ – ОТВОРЕН ФЕСТИВАЛОТ НА ДЕТСКИ ТЕАТРИ „ИГОР МАЏИРОВ“

Под слоганот „Сцена за сечиј сон“, вчера во Театарот за деца и младинци – Скопје свечено беше отворено 4. издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, кој ќе трае од 15 до 18 октомври.



Фестивалот, во организација на Театарот за деца и младинци, оваа година го насочува фокусот кон младите – нивните прашања, дилеми, надежи и соништа. Претставите не ги раскажуваат младите, но се за нив, за тоа како растат, се менуваат и се борат.

На отворањето свое обраќање имаше министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој порача:

„Да се игра за деца и младинци е подарок. А да им се зборува преку театарот со нивниот јазик, да им се одговара на нивните прашања и нивните соништа – тоа е храброст. Токму оваа сцена го носи најчистото, најдлабокото и најважното во театарот: искреноста на децата, храброста на младоста и силата на сонот. Фестивалот е начин да им се обратиме на младите и да им кажеме: ви посветуваме сцена. Вие сте нашата инспирација.“

Љутков се потсети и на Игор Маџиров, актерот и визионерот по кого фестивалот го носи своето име:

„Игор беше и ќе остане вечното дете во светот на театарот. Во негова чест, овој фестивал и секоја претстава е и спомен и продолжение.“

Во програмата ќе бидат прикажани претстави од земјата и странство, а сцената ќе слави младешки дух, имагинација и уметност како простор за дијалог со новите генерации.

На свеченото отворање беше изведена претставата „Франкенштајн“ на Кокан Младеновиќ, која неодамна ја освои награда од публиката на програмата за тинејџери „Мали МЕСС“, во рамки на 65. Интернационален театарски фестивал МЕСС во Сараево.

Слични Објави