Целовечерен концерт на „Зодијак“ за 27 години постоење
Танцовото студио „Зодијак“ при ЦК „Марко Цепенков“ на 29 април 2026 година (среда), со почеток во 20:00 часот, во големата сала ќе одржи целовечерен концерт по повод 27 години од своето постоење. Настанот се организира и во чест на Меѓународниот ден на танцот.
Публиката ќе има можност да ужива во разновиден танцов перформанс во кој ќе настапат учесници од различни возрасни групи. Во рамки на програмата ќе бидат прочитани и интернационалната порака за 2026 година, чиј автор е канадската кореографка Кристал Пајт, како и македонската порака, напишана од првенецот балерина и истакнат солист при МНТ, Зоица Пуровска Велевска.
Режијата на концертот е на Кире Миладиноски, кој заедно со Бисера Гаралоска и Марта Шаркоска се потпишува и како кореограф.
На сцената ќе настапат: Софија Иваноска, Љубица Ангелеска, Лана Спиркоска, Милана Здравеска, Јована Ангелеска, Јана Чучуроска, Сара Камческа, Сара Иваноска, Исидора Митревска, Анисија Тренеска, Марија Стојаноски, Бисера Тренкоска, Неа Попоска, Марта Шаркоска и Бисера Гаралоска.
Дизајнот на промотивниот материјал и видео монтажата се дело на Петар Јошески, додека автор на промо видео спотот е Љупчо Атанасоски.
Влезот е слободен, но поради безбедносни протоколи, во салата ќе бидат примени само посетители со влезници, до исполнување на капацитетот. Влезниците ќе може да се подигнат три часа пред почетокот на настанот од билетарницата на Центарот за култура „Марко Цепенков“, по принципот „прв дојден – прв услужен“.
Настанот, кој ветува вистински празник за љубителите на танцот, е поддржан од Општина Прилеп.


