Прилепчанки на чекор до титулата – „Младост 96“ со сребро
Женската пингпонгарска екипа на ППК „Младост 96“ од Прилеп го освои второто место во државното првенство, откако во решавачкиот натпревар одигран во Штип, по голема борба и неизвесност, беше поразена од екипата на „Шампиони ФА“ со резултат 4-3.
Дуелот кој одлучуваше за шампионската титула донесе врвен пинг-понг и неизвесност до самиот крај. Интересно е што и во есенскиот дел од сезоната овие две екипи одиграа идентичен натпревар, но тогаш прилепчанки славеа со 4-3, што дополнително ја потврдува изедначеноста меѓу двата тима.
Сезоната двете екипи ја завршија со по еден пораз, па шампионот беше одлучен според сет-количникот. За жал, ППК „Младост 96“ остана пократка за само два сета, што се покажа како клучен момент во трката за титулата.
Останува впечаток дека прилепската екипа пропушти голема шанса да се закити со шампионската титула, со оглед дека решавачките сетови беа на дофат. Особено се издвојува настапот на Ива Димитриевска, која и покрај тоа што имаше водство од 2-0 во сетови и предност од 6-2 и 9-6 во третиот сет, не успеа порано да го затвори мечот. Таа на крајот сепак победи со 3-2, но тоа не беше доволно за конечен триумф на тимот.
Дополнителен хендикеп за „Младост 96“ беше и неиграњето на грчката репрезентативка Стела Цариду, која поради повреда на раката го пропушти овој клучен натпревар.
И покрај тоа, успехот е значаен – ППК „Младост 96“ Прилеп со освоеното второ место ја потврди својата квалитет и континуитет на високо ниво. Големи честитки за Ива Димитриевска, Софија Хасану и Фани Јованоска за борбеноста и освоената титула вицешампион на Македонија.


