🎭 ДЕТСКИ КАРНЕВАЛ ПРОЧКА 2026 – Шаренило и насмевки од најмладите го одбележаа почетокот на Прочка
По неколкугодишна пауза, во Прилеп денеска повторно се одржа Детскиот карневал како дел од манифестацијата „Прочка 2026“, носејќи радост, боја и детска креативност во центарот на градот.
Маскираните учесници го започнаа своето дефиле од дворот на ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп, по што продефилираа низ прилепската чаршија, поздравувани од бројните граѓани. Поворката заврши на плоштадот Методија Андонов Ченто, каде децата изведоа кратки точки и перформанси пред публиката.
Разновидните маски – изработени со голема посветеност од учениците, наставниците и родителите – го разубавија градот и ја вратија препознатливата карневалска атмосфера. Насмевките на најмладите и аплаузите од присутните сведочеа дека Детскиот карневал повторно го зазема своето заслужено место во рамките на Меѓународниот карневал „Прочка“.
Со оваа манифестација официјално започнаа активностите од првиот ден на карневалот, а Прилеп уште еднаш покажа дека традицијата живее преку новите генерации.


