Координативен состанок на Кризниот штаб на Општина Битола
Во Општина Битола денес се одржа координативен состанок на Кризниот штаб, со кој претседаваше претседателот на Советот на општината, Бојан Бојкоски. На средбата присуствуваа директорите на јавните претпријатија, претставници од ЈП „Стрежево“, Водостопанство, ЦУК, ДЗС и СВР, како и повеќе компании и градежни фирми кои, во рамки на својата општествена одговорност, се ставија на располагање за навремена реакција на терен.
Секој од учесниците доби конкретни задачи за следење на состојбата и обезбедување максимална подготвеност за интервенција со соодветна механизација.
Како дел од превентивните мерки за заштита од можни последици од обилните дождови, во тек е интервенција на пропустот на Ротинска Река на стариот пат кон Цапари. Поради градежните активности, овој дел од патот е привремено затворен за сообраќај.
Паралелно, се интервенира и постојано се следи состојбата на повеќе локации: Карамани, Лажец, Лера, Меџитлија, браната „Стрежево“, Породин, Долно Оризари и Жабени. Во тек се и превентивни активности на патот кон хотелот „Молика“ на Пелистер, над Детското одморалиште.


