|

Прилеп со два важни дигитални настана – Побезбеден интернет и нов Центар за е-услуги

Со интерактивни активности во Основното училиште „Кире Гавриловски – Јане“ во Прилеп денеска беше одбележан Меѓународниот ден на побезбеден интернет, во организација на Министерството за дигитална трансформација и Општина Прилеп.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека настанот е дел од големиот европски проект за воспоставување Центар за побезбеден интернет во Македонија, поддржан од програмата Дигитална Европа и Европската Унија.

„Ова е еден од последните настани со кој го заокружуваме проектот. Центарот ќе има посебна линија за поддршка каде ќе можат да се јавуваат деца, родители и наставници за совети како да се справуваат со дигитални ризици и онлајн закани“, изјави Андоновски.

Тој нагласи дека преку проектот МКСафеНет досега се опфатени над 70 училишта низ државата, а целта е подигање на свеста кај најмладите за безбедно користење на интернетот, превенција од дигитално насилство и одговорно користење на социјалните мрежи.

На прашање за можноста од законска забрана на социјалните медиуми за најмладите, министерот оцени дека таквата мерка би била премногу радикална и потенцијално би значела ограничување на слободата на избор и говор, но дека институциите остануваат отворени за јавна дискусија.

Во рамки на посетата на Прилеп, Андоновски и официјално го отвори Центарот за е-услуги на Министерството за дигитална трансформација, кој се наоѓа спроти зградата на Општина Прилеп.

„Граѓаните ќе можат физички да добијат услуги од Националниот портал uslugi.gov.mk, без потреба самите да отвораат профили. Нашите вработени ќе им помагаат при аплицирањето за услуги“, рече Андоновски.

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, ја поздрави иницијативата и истакна дека отворањето на Центарот за е-услуги претставува значаен чекор кон унапредување на услугите за граѓаните.

„Од денеска граѓаните на Прилеп имаат побрз и полесен пристап до државните услуги, без чекање и административни компликации“, изјави Проданоски.

Прилеп е еден од 14-те градови во државата во кои Министерството отвора вакви центри, а целта е да се доближат дигиталните услуги до сите граѓани, особено до оние кои немаат пристап или вештини за користење на електронските платформи.

Слични Објави