Собранието едногласно го усвои законот на Левица за укинување на дискреционото вработување во здравството
На денешната пленарна седница, со поддршка од сите парламентарни партии, беше усвоен предлог-законот на Левица со кој се укинува дискреционото право на директорите при вработување на медицински кадар во јавното здравство.
Со законското решение се укинува можноста директорите самостојно да одлучуваат за избор на кандидати, што, според предлагачот, ќе придонесе за поголема транспарентност и намалување на партиските и личните влијанија при вработувањата во здравствениот систем.
Од Левица оценуваат дека ова е значаен чекор кон воспоставување вистински дијалог кога станува збор за закони од општ јавен интерес, нагласувајќи дека за првпат нивен предлог добил поддршка од целата парламентарна сцена.
Според податоците што ги изнесуваат од партијата, државата во 2024 година изгубила над 2.000 медицински сестри, додека секоја година од земјава заминуваат повеќе од 200 лекари, што дополнително го ослабува јавното здравство и ја наметнува потребата од итни и системски реформи.



