| |

Опозицијата бара вонредна седница на Советот за ФК „Победа“

Советничката група на СДСМ и коалициските партнери во Советот на Општина Прилеп поднесе официјално барање за свикување на вонредна седница, посветена на состојбата во фудбалскиот клуб ФК „Победа“ – Прилеп.



Во барањето, доставено до претседателот на Советот на 11 февруари 2026 година, советниците повикуваат, согласно Законот за локална самоуправа, во најкраток рок да се одржи седница со една единствена точка на дневен ред – информација за актуелната состојба во ФК „Победа“ и донесување конкретни заклучоци и одлуки за надминување на кризата во клубот.

Во образложението се наведува дека ФК „Победа“, како еден од најзначајните и најпрепознатливи спортски брендови на Прилеп, се наоѓа во состојба на целосно пропаѓање, што претставува сериозен удар за спортот, младите и јавниот интерес во општината.

Советниците потенцираат дека „Победа“ не е само спортски колектив, туку дел од идентитетот на градот, со децениска традиција, бројни успеси и европски настапи, како и генерации фудбалери кои го прославувале името на Прилеп.

Во документот се посочува и дека актуелната состојба е резултат на долгогодишна негрижа и отсуство на одговорност, при што се критикува и улогата на Општина Прилеп, која, според советничката група, не покажала вистинска волја за помош и излез од кризата.

„Потребно е Советот да добие целосна и транспарентна слика за фактичката состојба во клубот и да донесе конкретни мерки за спас и реорганизација на ФК ‘Победа’“, се наведува во барањето.

Од советничката група предупредуваат дека ако Советот не реагира навремено, ќе остане запаметен како институција што дозволила да згасне најголемиот спортски бренд на Прилеп.

Слични Објави