Oколу 500 деца од цела Македонија денеска во Прилеп на Божикен ручек
По јубилеен, 20-ти пат, Прилеп беше домаќин на традиционалниот Божикен ручек, кој од 2006 година го организира Детската амбасада „За сите деца во светот“. На заедничката празнична трпеза седнаа деца од повеќе градови, од различни целни групи и вероисповеди, испраќајќи порака за љубов, еднаквост, меѓусебна почит, толеранција и ненасилна комуникација.
Во духот на верата и традицијата, годинава за прв пат Божикниот ручек го благослови Величкиот епископ Никола, со претходно допуштение од надлежниот архијереј, митрополитот г. Петар.
– Како што денеска дојдовме да му се поклониме на Богомладенецот Христос, така дојдовме и да се поклониме на чистотата и убавината на детската возраст – изјави Величкиот епископ Никола.
И годинава, прославата на Христовото раѓање се одбележа под мотото „Едно небо за сите деца“. Организаторите посочуваат дека целта е оваа заложба за заедништво и почит да се пренесе и на идните генерации, со поддршка и од Општина Прилеп.
– Целта на настанот е децата да не познаваат разлики, да градат толеранција и да го негуваат другарството – изјави Александра Северкоска-Стојаноски, извршен директор на Детската амбасада „За сите деца во светот“.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, истакна дека општината продолжува да создава нови традиции.
– Ја завршивме 2025 година со јубилејот 20 години од патрониот празник „Св. Никола“, а 2026 ја започнуваме со уште еден јубилеј – 20 години Божикен ручек во организација на Детската амбасада – рече Проданоски.
Годинава, највисокото признание на настанот – меѓународниот „Орден за носител на мирот“, беше доделено на амбасадорката на сите деца во светот, Гордана Нацева.



