(видео) ОТВОРЕНА МУЗИЧКА СОБА ВО ПРИЛЕП – НОВ ПРОСТОР ЗА МЛАДИ МУЗИЧАРИ

Во НУЦК „Марко Цепенков“ денеска беше промовирана музичка соба, проект реализиран со поддршка на Општина Прилеп, Младинскиот совет на Прилеп и НУ Центар за култура.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, истакна дека овој проект е значаен чекор во насока на грижа за младите и нивниот креативен развој.

„На мое огромно задоволство, денес ја промовираме музичката соба – проект во кој Општина Прилеп учествуваше заедно со Младинскиот совет и Центарот за култура, предводен од директорката Марија Попова. Ова е јасна порака дека локалната самоуправа, институциите и невладиниот сектор заедно работат за доброто на младите“, изјави Проданоски.

Тој додаде дека Општината, покрај капиталните проекти, активно ги вклучува младите музичари и бендови во програмата „Прилепска празнична приказна“, каде што сите бендови кои покажале интерес добиле можност да настапуваат на градскиот плоштад.

„Целта е младите да ги подготвиме како квалитетни музичари и да ги претставиме пред јавноста како идни амбасадори на прилепската музичка сцена – не само во Македонија, туку и пошироко“, нагласи градоначалникот.

На новинарско прашање дали музичката соба е замена за младински центар, Проданоски децидно одговори дека не постои замена за младински центар, туку дека ова е само еден чекор напред.

„Во 2026 година планираме сериозни активности за формирање младински центар. Тоа е еден од највисоките приоритети кои младите ги посочија и за нас претставува обврска“, рече тој.

ИДЕЈА ПРОИЗЛЕЗЕНА ОД МЛАДИТЕ

Претставникот на Младинскиот совет, Зоран Илиески, истакна дека идејата за музичката соба произлегла директно од разговорите со младите.

„Младите укажаа на реален проблем – каде да вежбаат музичките бендови без да создаваат бучава и проблеми со соседите. Заедно со Општината и Центарот за култура најдовме практично решение и потпишавме трипартитен договор, кој може да биде пример и за други општини“, изјави Илиески.

Тој информираше дека просторот ќе биде бесплатен за користење во наредните пет години, а опремен е со техничка опрема и акустична изолација.

Во моментов, музичката соба ќе ја користат пет музички бендови и околу 20 вокалисти, а сите проби ќе бидат отворени за јавноста.

ПОДДРШКА ОД ИНСТИТУЦИИТЕ

Директорката на НУ Центар за култура „Марко Цепенков“, Марија Попова, нагласи дека институцијата ги става своите просторни капацитети во функција на младинското музичко творештво.

„Со пуштањето во употреба на музичката соба се создаваат услови за континуирана и организирана работа на младите. Распоредот за користење ќе биде усогласен со програмските активности и јавно објавуван“, истакна Попова.

ГЛАСОТ НА МЛАДИТЕ МУЗИЧАРИ

„Овој проект е навистина значаен за сите млади бендови во Прилеп. Конечно имаме простор каде можеме слободно да вежбаме без страв дека ќе му пречиме на некого. Тоа ќе придонесе за подобар квалитет и поголем развој на локалната музичка сцена“, рече Михел Грашковски, тапанар во бендот „Лок Даун“..

„Голем проблем за нас досега беше тоа што е гласно и што не можевме да свириме по 21 часот. Особено е тешко кога сме блиску до настап, а немаме доволно проби и мораме порано да го напуштиме просторот за вежбање. Овој простор е одлична можност за слободно изразување – место каде што можеме да пробаме како што треба, да се чувствуваме посигурни и подготвени, без притоа да им пречиме на другите.“ – Ана Цветаноска, вокалистка на „Кнап“

Со отворањето на музичката соба, Прилеп добива уште едно креативно катче за младите, а надлежните очекуваат овој проект да биде вовед во поширока мрежа на младински содржини, вклучително и идниот младински центар.

Слични Објави