Поскапуваат нарачките од „АлиЕкспрес“ и „Тему“ – се воведува 18% ДДВ
Собранието ги усвои измените на Законот за данок на додадена вредност, со кои од следната недела сите нарачки од странство со вредност над 22 евра ќе бидат обврзани со плаќање 18% ДДВ. Законот ќе почне да важи осум дена по неговото објавување во „Службен весник“.
Со измените се укинува досегашното ослободување од ДДВ за мали комерцијални пратки до 22 евра испорачани од странство. Исклучок ќе бидат само пратки со некомерцијален карактер – од физичко лице до физичко лице – со вредност до 22 евра. Ослободувањето и понатаму не важи за производи како алкохол, парфеми и тутунски производи.
Според заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, промените се донесени со цел воспоставување појасна правна рамка, спречување злоупотреби и создавање пофер пазарни услови меѓу домашните продавачи и странските онлајн платформи како „Тему“ и „АлиЕкспрес“.
Законот беше поддржан од 59 пратеници, додека 12 гласаа против. Новите правила се очекува да значат дополнителен трошок за купувачите, но и поголема наплата на даноци и потенцијално јакнење на конкурентноста на локалните бизниси.



