Side Quest носи панк-рок енергија на Камената бина

Проектот „Од 0 до КултурА“ продолжува со уште една музичка вечер, а овојпат љубителите на алтернативниот звук ќе имаат можност да уживаат во настапот на прилепскиот панк-рок и поп-панк бенд Side Quest.

Концертот ќе се одржи вечерва (9 јули, четврток), со почеток во 21:00 часот, на Камената бина во Прилеп.

Формиран во 2023 година, Side Quest за кратко време се наметна како едно од интересните имиња на македонската алтернативна сцена. Публиката ја очекува музичко патување низ историјата на панк-рокот – од легендарните бендови кои ги поставија темелите на жанрот, па сè до современите влијанија што ја обликуваат денешната панк-рок сцена.

Бендот во моментов работи на својот прв деби-албум, а досега има објавено авторски сингл, песна посветена на ФК „Победа“, како и современа преработка на македонската народна песна „Ако одам во Битола“. Зад себе има и настапи како предгрупа на повеќе познати домашни бендови, а беше и финалист на фестивалот за млади состави „Лузер Фест“.

Организаторите ги покануваат сите љубители на добрата музика да бидат дел од уште една летна вечер исполнета со квалитетен звук и одлична атмосфера, во рамките на проектот „Од 0 до КултурА“.

Слични Објави