(ФОТО) Меѓугенерациска работилница во Прилеп – „Old but Gold“ – кога младоста и искуството се спојуваат

Со многу насмевки, искрени разговори и позитивна енергија, Здружение Центар за развој и едукација Прилеп во соработка со учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп, волонтери од тимот Gerio Help, организираше и реализираше инспиративна и едукативна работилница со пензионери од Прилеп и членови на здружението „Преродба“.



Работилницата се одржа во рамки на проектот „Old but Gold“ иницијатива на учениците од СОУ Ѓорче Петров Прилеп, кој има за цел унапредување на квалитетот на живот на повозрасните лица, промоција на здрави животни навики и поттикнување на активно стареење, како и јакнење на меѓугенерациската соработка и солидарност. Преку внимателно осмислени активности, учесниците имаа можност да се запознаат со основните принципи на здравата исхрана, значењето на физичката активност и позитивното влијание на здравиот начин на живот врз целокупното здравје и благосостојба.

Во текот на средбата се водеа отворени и инспиративни разговори, при што пензионерите споделуваа лични искуства и животни приказни, а младите волонтери придонесоа со свежи идеи, информации и практични совети. Оваа размена на знаења и перспективи создаде силно чувство на меѓусебна почит и разбирање, покажувајќи дека секоја генерација има што да понуди и што да научи.

Посебен момент на работилницата беа друштвените игри и неформалното дружење, преку кои се создаде пријатна и топла атмосфера исполнета со смеа, радост и позитивни емоции. Токму овие моменти ја нагласија важноста на социјалната интеракција и дружењето како клучни фактори за менталното здравје и чувството на припадност кај повозрасните лица.

Работилницата се одржа во просторот кој наскоро ќе биде  Центар за дневен престој на стари лица за активно стареење предводен од Здружение Центар за развој и едукација Прилеп, каде ќе се обезбедува поддршка за достоинствен живот и активно вклучување  во заедницата на нашите повозрасни сограѓани. Оваа услуга е дел од спроведувањето на сеопфатната социјална реформа во земјава, а во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го имплементира Министерството за социјална политика, демографија и млади, со финансиска поддршка од Светска банка

Настанот претставуваше вистински пример за успешно меѓугенерациско поврзување и активна вклученост на младите и старите во заедницата, како и доказ дека соработка, внимание и човечка топлина можат да направат значајна разлика.

Работилницата уште еднаш потсети дека возраста не е ограничување, туку богатство – извор на мудрост, искуство и вредности кои, кога се споделуваат, ја зајакнуваат заедницата и создаваат посилни врски меѓу луѓето.

Слични Објави