|

Прилепската сообраќајна полиција со хуман гест за децата со посебни образовни потреби

Прилепската полиција – Сектор за сообраќајна полиција уште еднаш ја потврди својата општествена одговорност и човечност, реализирајќи предновогодишна донација за децата со посебни образовни потреби во Основното општинско училиште „Климент Охридски“ – Прилеп.

Покрај секојдневните активности за одржување на јавниот ред и безбедноста во сообраќајот, припадниците на сообраќајната полиција покажаа дека нивната улога не завршува со носењето униформа. Преку овој хуман гест, тие внесеа радост, надеж и празнична топлина кај учениците и нивните семејства.

Директорот на ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп, Ахил Јаков, упати јавна благодарност до припадниците на Прилепската сообраќајна полиција, истакнувајќи дека нивната професионалност, одговорност и пожртвуваност се темел на довербата што граѓаните ја имаат во институциите.

„Оваа донација е доказ дека зад униформата стојат луѓе со големо срце, кои покрај грижата за безбедноста, несебично ја споделуваат и добрината“, посочи Јаков.

Од училиштето нагласуваат дека ваквите примери на солидарност и хуманост имаат силно воспитно значење и претставуваат позитивна порака за младите генерации, покажувајќи дека грижата за заедницата и меѓусебната поддршка се вредности што треба да се негуваат.

Со својата младост, енергија и човечност, припадниците на Прилепската сообраќајна полиција испраќаат јасна порака дека безбедноста и иднината на заедницата се во сигурни и одговорни раце.

Фото – Ахил Јаков 

Слични Објави