Семејна слава и Свети Никола – традиција и обичаи
Сите народи пред два милениуми биле многубошци и секое семејство имало заштитник на куќата. Во време на владеењето на Рим со Балканот, тоа биле Ларите и Пенатите. Подоцна, секоја куќа прифаќа еден светец за куќен заштитник, кој не смее да се менува и мора да се слави и под најтешки услови.
Така, еден од најпрославуваните светци е Св. Никола или поточно, Св. Никола Чудотворецот (Архиепископ Мирликијски). Тој бил историска личност. Роден е во градот Патра во 245 година во Мала Азија (покраина Ликија) од Теофан и Нона, а името го добил по чичко си Николај – Епископот Патарски, кој бил бискуп во Мира.
Тој се смета за заштитник на децата, девојките, сиромашните, фармацеутите, пекарите, рибарите, затворениците, на учените луѓе, трговците, морнарите, патниците. Порано, во сите христијански бродови ја имало неговата икона.
Кога покраината Ликија е освоена од Турците, неговите мошти се пренесени во Бари во Италија во 1096 година и тогаш се слави Св. Никола – летен (22 – ри мај), а ние ја нарекуваме “Преслава”.
Св. Никола, по своите функции и атрибути е сличен со германскиот Водан или грчкиот Посејдон. Во најстарата верзија, тој ги превезува душите на оној свет.
Прикажан е и како патник и како гостин на бадниковата вечер (затоа се чува за бадник “светиниколска” сарма и грав).
Во мариовските песни тој е претставен како најстар брат на светците.
Свети Никола и Прилеп
Во Прилеп, барем половината семејства го слават Св. Никола (“жив светец”) како семеен светец, а славата временски е распоредена: вечера или “заслог”, каде доаѓаат „главните гости“, Ручек – идниот ден и вечера – втор ден, или “патерица”.
Како и секоја слава и оваа е наследна, а Св. Никола како славае секогаш е „посен“, затоа што паѓа во периодот на Божикните поклади и е „неподвижен“ празник (не се раководи спрема Велигден, туку паѓа на датум). Славите се поврзани со куќата и куќниот заштитник, па затоа и домазетите мораат да ја слават, покрај својата сопствена слава.
Тој ден се чести и именден (Никола, Коле, Николина).
Ритуалот е обемен и започнува неколку дена пред “заслогот”: Се пали кандилцето на домашна икона, се меси светиниколска погача, се “Крева леб” пред славата, се купува или меси поскура, која се свети во црква, кој домаќинот го крши пред гостите (не смее да се користи нож), се осветува пченица, се крштева вода, која се користи за лечење на болести, а најмногу за уплав, попот ја кади куќата со темјан, а и домашните, се пали свеќа, која се гасне во вино, се блосои заради здравје и напредок на куќата.
Прилепските ритуали подразбираат и одење на гробишта, како спомен кон предците и “обавестување” дека дошла славата и дека ќе ја славиме.
На сам ден Свети Никола се оди в’црква, се даруваат сиромасите, се носи од јадењето на гробишта (“да каснат и мртвите”), но и на други места “се носи”. На пример, може вработените да донесат од храната и на работа, што е честа практика во Прилеп.
Од јадењето „се чува“ за Бадник, за со мазникот“, па така се смета дека Св. Никола е главниот гостин на бадник.
Во Прилеп на празникот „се оди на гробишта“, како спомен кон предците и “обавестување” дека дошла славата и дека ќе ја славиме и се носи од јадењето. Потоа, се оди в’црква заради ритуалната чистотија на сите од куќата)
На Св. Никола „се пие“ и секој сѝ тура барем за наздравување, но „не чини да се препиеш на слава, посебно за Св. Никола, оти е голем светец“
Храната е посна и традиционална, а се спрема „како за на гробишта“: салати, сармички, грав, риби, пченица, благо (кадаиф, араванија, баклави), а треба да има и маслинки, „емиш“ (овошје), ореви, други костуњести плодови, вино и ракија.
Домаќинлукот се гледа и во готвењето на сармите и гравот (сармите да се малечки, а не „пашламарки“, а гравот да не е со растурени зрна, „да не фрла лушпи“ и да има многу запршка), дали е пченицата („коливо“) убаво сварена, во смеша со мелени и сецкани ореви, дали е ракијата „коска“ (добра), дали е виното „мас“ (лизгало како масло) и дали е туршијата „сторена“ – успешна („да пие многу ракија“). Сега се прават сезонски салати, но само пред 30 години за салата имало сторена зелка, пиперки и зелени доматчиња, динчиња, лубеничиња (набрани уште зелени или што останале недозреани) во каче, а побогатите куќи купувале и „оранжериски“ домати и краставици, за што често народот велел „бесот ги фатил“.
Како десерт се правела блага варена пченица, како „за блудец“, баклави, араванија со гриз (посна), а понекаде и шеќерпариња (слатки во шербет), кој се „турски бичим“.
Уште при бирањето на гравот и пазарењето, се купувало најубаво што има на пазарот (посебно се внимава на оревите, да бидат големи, да не се шупливи, „шќомнати“ или со црвоточина), а грав се купува „кај познат чоек“, што е највисока верност кон продавачот, кој се грижел да има најубав грав („тетоец“ или од Пласница).
Виткањето сарми бил вистински ритуал, каде се собираат сите слободни жени „по род“, за да свиткаат големи количини светиниколска сарма. Голема невоља било ако „расолот не чини“, ако не се кине, ако е тегав, ако „не се витка“. Гравот сакале да го варат „на дрва“, па ако домаќинот не се грее на дрва, гравот и сармата можат да се варат и по комшии и по роднини.
Постојат умште многу ограничувања при припремата на славската трпеза и тоа оди по принципот „тоа чини“, „тоа не чини“ или постарите секогаш започнувале регулација со зборовите „немој мајче…“
На слава „се кани“, но тоа е само за градските слави, а во селата „сами сѝ знаеле“ и најчесто доаѓало цело село. Почесни гости се секогаш кумот, постари и поуспешни гости, поширокото семејство (до втори братучеди), одбрани пријатели.
Припрема за големиот празник.
Домаќинот е ритуален мајстор на самата слава, тој ја крши погачата („ја дига“), благословува и наздравува и тука улогата на попот не е позната, освен пред славата, кога може да дојде во куќата и да „крсти вода“. „Подигањето на лебот“ или “клавањето крст” го прави домаќинот, а на секое негово блосоење му одпоздравува најстариот гостин или кумот.
За време на славата гори славската свеќа, која се гасне во вино, а цела слава (вечерата или ручекот) е проследена со блосоење.
И после славата се крштава вода, која се користи за лечење болести, а најмногу за уплав.
Слава не се слави при смртен случај во куќата, до 3 години, иако „се крева“ леб.
Легенда и историски вистини за Свети Никола
Свети Никола Чудотворецот (Архиепископ Мирликијски) е роден во градот Патра (245 година) во Мала Азија (покраина Ликија). Неговите родители Теофан и Нона, биле богати, но не моеле да имаат деца, па го измолиле Бога да им даде дете. Така, им се родил Никола, кој името го добил по чичко си (Николај – Епископ Патарски), кој бил бискуп во Мира. Неговите родители умираат и тој рано останува сирак.
Неговите чудотворни моќи можеле да се видат од неговото раѓање, зошто сам можел да стои, кога го крштавале.
Неговиот чичко го насочил во верскиот живот и тој станува свештеник, кој бил неуморен во ширење на верата и добротворството. Целиот имот, кој го наследил од родители те им го поделил на сиромасите. За тоа не сакал ниту да се знае и воопшто, тој своите доброчинства ги правел тајно.
Кога бил на умирање неговиот чичко, на Никола му понудиле да стане бискуп, на местото на својот чичко, но овој одбил и побегнал во Палестина, за таму да живее осаменички живот. Кога се вратил во Мира, баш тогаш умрел бискупот, па овој пат не можел да одбие и станал епископ на Мира.
Кога римјаните дошле во Ликија – под Диоклецијан и Максимилијан, тој бил и затворен, но се избавува од затворот, кога Царот Константин ги помилувал сите христијани.
Во тоа време царицата Елена го пронашла светиот крст на Христовото страдање, па Никола решил да ги обиколи светите места. На тоа патување се случиле многу чуда (кога пловеле, тој ја смирил бурата за да не го потопи бродот, со молитва на Бога; Кога лаѓарот, иако примил пари за да го однесе во Ликија, сакал да си појде во друго место по трговија, Св. Никола дигнал бура, која бродот го однесла точно во Ликија, иако морнарите пробувале да одат во спротивен правец).
Тој присуствувал на Првиот вселенски собор во Никеја (325 година) , каде го удрил еретикот Арија, заради што бил и одстранет од соборот, но со чуден настан, кога на високо свештени лица им се јавил гласот на Христос и на Марија, тој бил вратен на Саборот и му бил вратен чинот.
Св. Никола се смета за заштитник на децата, девојките, сиромашните, фармацеутите, пекарите, рибарите, затворениците, на учените луѓе, трговците, морнарите, патниците. Порано, во сите христијански бродови ја имало неговата икона. Тој е патрон на Сицилија и на многу градови ширум светот. Дури и кога пловат, бродовите на Свети Никола застануваат, се усидруваат и чекаат да помине тој ден во одмор. Како и Исус, тој имал моќ да го смири разбеснетото море. Со благослов на децата им помагал да не им нашкодат рибините коски – запнати во грлото.
Умрел во 343 година, во петок на 19 декември и погребен е во соборната црква во Мира. На неговиот гроб христијаните ги носеле болните. Кога Ликија е освоена од Турците, неговите мошти се пренесени во Бари во Италија во 1096 година. Св. Никола – летен (22.05) – ден кога се пренесени моштите на Св. Никола – “Преслава”.
Св. Никола е сличен со германскиот Водан или грчкиот Посејдон. Во најстарите претстави, тој ги превезува душите на оној свет, во други тој „им ги вади душите“ на луѓето и на него се пренесени елементи од богот на водите и мртвите. Иммеа претстави и на Никола на коњ, како што има и за Водан. Прикажан е и како патник и како гостин на бадниковата вечер, а во мариовските песни е претставен како најстар брат на светците.
Свети Никола и дарувањето за бадник
Во близина на куќата од Никола живеел некој човек, кој бил богат, па осиромашил. Тој имал 3 ќерки, кои не можел да ги омажи, зошто немал да им даде мираз. Тој решил ќерките да им ги даде на богаташи, за тој да има корист од тоа, а трите ќерки го молеле бога тоа да не се случи, туку да си земат мажи, кои им се мили на срцето.
За тоа чул Никола и не сакал несовесниот татко да им го направи тоа на своите боговерни ќерки, па зел едно ќесе златници, го замотал во платно и го фрлил низ прозорецот на куќата на девојките. Кога татко им ги видел златниците утрото, тој решил да ја омажи својата најстара ќерка како што треба, па и дал мираз и убаво ја омажил. Тоа се случило и со средната ќерка, за која пак Никола пак фрлил златници низ прозорецот. Кога требало да се мажи и најмалата ќерка, Никола сакал да им фрли и трето кесе, но прозорецот бил затворен, па се качил и ќесето го фрлил низ оџакот, а тоа паднало во чорапот, кој се сушел покрај огништето. Кога тоа се случило, таткото на девојките истрчал и видел кој е неговиот добротвор. Никола го заколнал да не кажува никому, но овј не издржал и на сите им разгласил.
Кустос советник – Александар Цветкоски
Завод и Музеј Прилеп



