| | |

(видео) Македонскиот Рис снимен на Шар Планина со принова

Националниот парк „Шар Планина“ објави радосна вест – на една од нивните камери-замки е забележана мајка рис со младенче, и двата во одлична здравствена состојба. Со ова, бројот на документирани рисови на Шара се зголемува од една на три единки.

„По успехот минатата година, кога за првпат снимивме мажјак на локалитетот Лешница, денес со голема радост можеме да потврдиме и присуство на мајка со младенче на територијата на Општина Боговиње. Снимката е резултат на долгорочна и стручна работа на нашиот тим, а мајката го доби името Сибел“, информираат од НП „Шар Планина“.

Од Паркот објаснуваат дека балканскиот рис е територијално животно и дека секоја единка зафаќа голема област, понекогаш и над 40 квадратни километри. Поради тоа, на Шар Планина може да опстојуваат мал број стабилни единки, но секое ново потврдено присуство е значаен чекор напред.

Рисот се храни со срни, дива коза, зајаци, еребици и ситни цицачи, а популацијата на неговиот плен на Шара бележи постепен, но стабилен раст. Дополнително, ловот на територијата на Националниот парк е целосно забранет, со што директно се придонесува за заштита на овој редок вид.

Од НП „Шар Планина“ нагласуваат дека ваквите снимки ја потврдуваат важноста од континуираниот мониторинг и вложувањата во заштитата на биодиверзитетот. Балканскиот рис е критично загрозен вид со популација помала од 50 возрасни единки и се соочува со сериозни закани како губење на живеалишта, криволов и ниска генетска разновидност.

Секој нов забележан примерок, како што велат од Паркот, носи нова надеж за опстанокот на оваа ретка и значајна животинска врста.

Слични Објави