Противпожарното друштво „Архангел“ и уште четири иницијативи ја добија наградата за волонтерство во 2025
ВРАЧЕНИ НАГРАДИТЕ ЗА НАЈДОБРИТЕ ВОЛОНТЕРИ ВО ОПШТИНА БИТОЛА
Во пресрет на 5 Декември – Меѓународниот ден на волонтерите – во Битола традиционално беа доделени годишните награди за најистакнат волонтерски ангажман, со кои се оддава признание на граѓаните и групите што со својата посветена работа го поттикнуваат развојот на волонтерството во локалната заедница.
Целта на ова признание, кое го доделува Локалниот совет за волонтерство на Општина Битола (ЛСВ), е да ја зголеми видливоста на волонтерите, да ги промовира позитивните практики и да мотивира понатамошно вклучување на младите и возрасните во заеднички иницијативи.
Годинашни добитници на наградите за 2025 година се: Доброволно противпожарно друштво „Архангел“ – Битола, иницијативата „ЕкоРозе“, иницијативата „Волонтерско цртање во Зоолошка градина“, како и поединките Јулијана Делев и Лина Чашитовска.
Наградите им ги врачи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој им честиташе за нивната посветеност, солидарност и активен придонес во решавање на проблемите во локалната средина.
Добитници и образложенија
ДПД „Архангел“ – Битола
Противпожарното друштво е наградено за долгогодишниот волонтерски ангажман, особено за учеството во акции за помош при поплави, непогоди и ризични ситуации, како и за нивните јавни кампањи за безбедност и превенција од пожари. Нивната работа има директно влијание врз безбедноста и подготвеноста на Општина Битола.
Иницијативата „ЕкоРозе“
Наградата ја добија учениците Изабела Шишковска, Бојан Нацов и Андреа Трајковска под менторство на проф. Соња Карапашовска, за воспоставување систем за селекција и рециклирање на текстилен отпад, како пример за креативен и еколошки одговорен младински активизам.
„Волонтерско цртање во Зоолошка градина“
Ученици од ООУ „Елпида Караманди“ заедно со наставничката Славица Маркоска, преку летниот распуст волонтерски работеле на осликување мурал во Зоолошката градина – активност што ги поттикнува креативноста, љубовта кон животните и еколошката свест кај младите.
Јулијана Делев
Делев е наградена за организацијата на хуманитарниот настан „Хуманитарна вечер со македонски автори“, кој по трет пат се одржа во 2025 година. Средствата собрани на настанот беа наменети за школски прибор и неопходни материјали за деца со посебни потреби.
Лина Чашитовска
За нејзиниот двегодишен ангажман како Лидер на Клубот на млади при ОО Црвен крст – Битола, Чашитовска е призната како еден од најпосветените млади организатори на волонтерски иницијативи во градот.
На јавниот повик за номинации право на учество имаа организации, институции, неформални групи и други организатори на волонтерска работа.



