47 години „Порака“ – 47 години инклузија, поддршка и достоинство
Свеченост по повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост
По повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, денес во Демир Хисар се одржа свечен и пригоден настан, организиран од ЦПЛИП „ПОРАКА“ со поддршка на Општина Демир Хисар. Настанот беше посветен на поддршката, инклузијата и достоинството на лицата со попреченост.
Свеченоста започна со едноминутно молчење во чест на сите кои оставиле значаен белег во развојот на Центарот – професионалци од здравството, образованието, културата и други области.
Во своето воведно обраќање, претседателот на ЦПЛИП „ПОРАКА“ – Демир Хисар, Љубе Димчевски, изрази голема благодарност до градоначалникот Најдовски и Општината за континуираната и несебична поддршка во реализирањето на програмските активности.



Градоначалникот Најдовски, изрази јавна и срдечна благодарност, пред сѐ, за укажаната чест да биде дел од оваа церемонија, не само како покровител, туку и како личност кој секогаш ја дава поддршката во креирање на инклузивни и сеопфатни мерки и активности кога е во прашање интеграцијата на лицата со попреченост, меѓу другото со искрени честитки по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост,
– Горди сме на долгогодишната традиција, успехот и заедничките чекори кон општество во кое секој човек има еднаква можност да живее исполнет и достоинствен живот. И затоа, во тој поглед, максимално посветени сите треба да бидеме и да се однесуваме подеднакво одговорни, како и да создаваме нови можности и секојдневно да овозможуваме услови, за овие лица, да го дадат својот придонес во општеството до оној степен до кој можат, истакна Најдовски.
Во оваа прилика, Најдовски, исто така, испрати и јавен апел до сите општествени чинители, како и до помладите генерации за поголем ангажман; да вложуваат дополнителни напори и постојано да обезбедуваат поддршка, не само во институционална форма, туку и како етичко – морална обврска.
На настанот беа доделени награди и признанија на ученици од трите основни општински училишта на територијата на општината, како и на ученици од средното општинско училиште за ликовни и литературни творби. А, како израз на признание и во знак на успешна соработка и придонес во остварувањето на Програмата за работа ЦПЛИП „ПОРАКА“, Демир Хисар, доделени беа благодарници до Јавни установи и претпријатија, како и до истакнати поединци – соработници.



