Почина Диме Чучуро – човекот кој му го врати животот на прилепскиот Градски Саат

На 74-годишна возраст почина Димитар Чучуроски, познат како Диме Чучуро, часовничар од семејство со генерации искуство во овој занает. Тој му го врати животот на Прилепскиот Градски Саат – симболот на градот под Марковите Кули, кој до 2013 година не отчукуваше и не го мереше времето за прилепчани.

Саат-кулата, една од архитектонските доминанти на стариот градски центар, е изградена кон крајот на 19 век од прилепските мајстори Коста Лауцот и Ристе Тасламиче, со висина од околу 40 метри, а со врвот достигнува до 55 метри. Кулата има шестоаголна основа и е изградена од масивни камени блокови со дрвена конструкција, а внатре се наоѓа механизмот кој го регулира часовникот.

По неколку неуспешни обиди на инженери од градот, во 2013 година Чучуроски успеа да се искачи во кулата и да го поправи механизмот. Наместо да бара делови од Виена или Грац, тој со локални занаетчии изработи нови делови, а срцето на часовникот повторно почна да чука. Од тогаш, секој ден звучните тонови на саатот точно го означуваат времето за сите жители и гости на Прилеп.

Секоја три дена, Чучуро се качуваше преку 105 тесни, спирално подредени скалила во кулата, стара повеќе од 150 години, за да го навие часовникот. Од врвот на кулата, на височина од 34 метри, се открива незаборавен поглед на стариот град, Марковите Кули и Селечка планина.

Саат-кулата има и своја турбулентна историја. Во 1980-тите години, јавноста забележа накривување на кулата, кое достигна до 117 сантиметри. Со интервенции на Заводот и Музејот Прилеп, беа спроведени конзерваторски и градежни мерки, вклучително армирано-бетонски мрежи за стабилизирање, со што кулата денес е безбедна и сѐ уште доминира во центарот на градот.

Чучуроски остави аманет: да се грижиме за саатот, да не дозволиме да се распаѓа како културен споменик и да се афирмира неговото значење. Нека почива во мир, а неговата љубов и посветеност кон градскиот симбол на Прилеп ќе останат вечни.

Слични Објави