(видео) Премиера на „Црнила“ – Театарот е најжив тогаш кога е најранлив
Во Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ на 29 ноември ќе биде изведена премиерата на „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски. Претставата се реализираше во нови, специфични услови и во реадаптираниот сценски простор Сцена 105, кој ќе стане нов дом за камерни, современи и експериментални продукции.
Раководството на театарот истакна дека проектот е реализиран со поддршка од Министерството за култура и туризам, но дека најголемата заслуга ѝ припаѓа на актерската, техничката и продукциската екипа, која со огромна посветеност и љубов ја создаде претставата.
Посебно беше нагласено дека „Црнила“ се поставува во година кога се одбележуваат 104 години од смртта на Ѓорче Петров, со што претставата добива и силна историска и симболична димензија. Пројковски посочи дека делото претставува мост меѓу класиката и современото време, меѓу зборот и делото, меѓу минатото и сегашноста.
Режисерот Дејан Пројковски истакна дека претставата се занимава со судирот меѓу индивидуата и колективот, со личната среќа, љубовта и моралот, но и со поделбите како најголемата болка во македонската историја.
„Ние не даваме одговори – поставуваме прашања. Театарот мора да биде храбар и да зборува за темите што сите ги знаеме, но често ги премолчуваме“, истакна Пројковски.
Сценски и уметнички тим
Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Попучевска, музиката на Горан Трајковски, драматург е Лидија Митовска Георгиевска, а дизајнот на плакатот е на Светозар.
Играат:
- Бобан Алексоски – Иван
- Сара Спиркосска – Неда
- Катерина Чакмаковска-Клинческа – Катарина
- Александар Степанулески – Луков
- Александар Тодески – Христоф
- Димитар Георгиевски – Фезлиев
- Михајло Миленковски –
- Илија Волчески – Младичот
Посебен акцент беше ставен на вклучувањето на млади, невработени актери, како дел од стратегијата за поддршка на нови уметнички сили.
Термини и интерес на публиката
Поради камерниот карактер на продукцијата, капацитетот е ограничен на 80 гледачи, а интересот е исклучително голем. Претставата ќе се игра:
- 29 ноември – премиера
- 16, 24 и 25 декември – репризни изведби
Од театарот порачаа дека театарот е најжив тогаш кога е најранлив, и дека „Црнила“ е обид преку уметноста да се проговори за вистината, поделбите, љубовта, татковината и личната одговорност.
„Дали ‘Црнила’ ќе останат црнила или ќе станат белила – зависи од нас самите“



