|

Сребро и бронза за македонските информатичари на ЈБОИ 2025

Младите македонски информатичари Марко Кренков и Владимир Грчев освоија сребрен и бронзен медал на 18. Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2025), што се одржа од 24 до 30 октомври во Ларнака, Кипар. Зоран Илијоски и Јаков Грујовски се враќаат со олимписки пофалби.

Македонскиот тим беше составен од ученици од Струмица, Кочани, Кичево и Скопје, предводени од д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од ФИНКИ.

Со овие резултати, Македонија ја заокружува 2025 година со вкупно 2 златни, 3 сребрени, 5 бронзени медали и 6 пофалници на меѓународните информатички олимпијади – резултат достоен за респект и за многу поголеми држави, истакнуваат од Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ).

Тимот беше избран преку годишен циклус натпревари на платформата mendo.mk, реализиран од ЗИМ со поддршка од ФИНКИ, „Бистри умови“ и компании партнери.

„Горди сме на посветеноста и резултатите на учениците. Ова е доказ дека Македонија има силни млади таленти со потенцијал за уште поголеми успеси“, изјави др. Јованов.

Следната ЈБОИ ќе се одржи во 2026 година во Сараево, Босна и Херцеговина.

Слични Објави