ДИК, ДКСК и ДЗР со заеднички меморандум за транспарентни избори
Во пресрет на претстојните Локални избори, Државната изборна комисија (ДИК), Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Државниот завод за ревизија (ДЗР) потпишаа Меморандум за соработка.
Со документот, трите институции ја потврдуваат својата заложба за тесна соработка, координација и заемна помош при спроведување на одредбите за финансирање на изборната кампања, размена на информации и навремено постапување по утврдени неправилности.
Посебен акцент е ставен на транспарентноста во финансирањето на изборните кампањи преку редовна размена на финансиски извештаи, како и на заеднички активности за унапредување на почитувањето на изборната регулатива. Целта е обезбедување услови за слободни, фер и демократски избори.
Меморандумот предвидува и соработка во постапување по претставки и приговори, консултации и размена на искуства, како и заедничка работа на проекти од заемен интерес.
Со потпишувањето на овој документ, ДИК, ДКСК и ДЗР испраќаат јасна порака за нивната решителност да обезбедат кредибилен изборен процес и да ја зголемат довербата на граѓаните во институциите и во самите избори.


