|

Крушево планира нов локален пат до манастирите Св. Спас и Св. Василиј – Јавен увид за патна инфраструктура до манастирите во Крушево

Од 7 до 22 јули 2025 година, Општина Крушево организира јавен увид на Урбанистичкиот проект вон опфат на урбанистички план за изградба на локален пат што ќе ги поврзе регионалниот пат Р1306 со манастирите Св. Спас и Св. Василиј.

Проектот опфаќа изградба на нова патна инфраструктура со вкупна должина од околу 4,8 километри и површина од над 6,4 хектари. Патот ќе се протега од приклучокот на регионалниот пат кај Крушево до манастирот Св. Спас (околу 3,1 км), а потоа ќе продолжи до манастирот Св. Василиј (околу 1,7 км).

„Се организира јавен увид за Урбанистички проект вон опфат на урбанистички план за линиска инфраструктура – локален пат од приклучок со Р1306 (Крушево) до манастир Св. Спас (L~3,1km) и од манастир Св. Спас до манастир Св. Василиј (L~1,7km), општина Крушево.“

Јавниот увид ќе трае 15 денови, односно во периодот од 07.07.2025 година до 22.07.2025 годинa.

Јавниот увид се организира со излагање на проектот во Центарот за информирање на граѓаните на Општина Крушево и во просториите на Одделението за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина на општина Крушево, соба број 23, секој работен ден од 08:00 до 15:00 часот. Во исто време ќе се спроведува и во електронска форма преку информацискиот систем е – урбанизам, www.e-urbanizam.mk, а ќе биде објавена и на веб страната на општината, www.krusevo.gov.mk.

Во определниеот рок, јавноста може да достави забелешки во однос на проектот, на адреса на општина Крушево, во архивата во општина Крушево, како и на e-mail адреса:urbanizamkrusevo@yahoo.com.

Пристигнатите забелешки ги разгледува Комисијата за урбанизам од член 38 од Законот за урбанистичко планирање, која составува записник со образложенија за прифатени и неприфатени забелешки, што се објавува на веб страната.

Со реализацијата на овој проект, се очекува подобрување на пристапноста до важни верски и туристички локации, со што се поттикнува локалниот развој и унапредувањето на инфраструктурата во руралните подрачја на Крушево.

Соопштението за јавен увид и потебните документи на веб страната од општина Крушево

Слични Објави