80 – годишен јубилеј КУД „Таше Милошевски“
Во текот на вчерашниот ден во големата сала на Општина Ресен беше одржана свечена академија по повод 80-годишнината од формирањето на Културно-уметничкото друштво „Таше Милошевски“ од Ресен.
Во рамки на академијата, беа доделени благодарници на истакнати членови и поддржувачи на друштвото, а исто така со голема чест и задоволство ја примив повелбата , во знак на благодарност за поддршката и негувањето на културното наследство.
По свечениот дел, беше одржан и годишниот концерт на друштвото, на кој настапија сите генерации на членови.
Концертот понуди богата фолклорна програма со народни ора, песни и сценски изведби кои го отсликаа духот и традицијата на Преспа и Македонија.
Настанот беше уште една потврда за важноста на КУД „Таше Милошевски“ кој уште еднаш се потврди како горд чувар на македонското културно наследство и најголем промотор на Ресен и Преспа.
Честит 80 – годишен јубилеј и уште многу години да славите.