Недостиг на јајца во Америка – ќе увезуваат од Турција
Поради сериозниот недостиг на јајца во САД, американските трговци се принудени да се свртат кон Турција како главен извозник. Според Централното здружение на производители на јајца на Турција, оваа година земјата планира да извезе рекордни 420 милиони јајца во САД, што е значително зголемување во однос на претходната година.
Недостигот на јајца во САД е резултат на птичјиот грип, кој од 2022 година уби 140 милиони птици, а само во ноември и декември минатата година загинаа 17 милиони. Намалениот број на производствени капацитети, во комбинација со зголемената побарувачка, доведе до значително покачување на цените. Според последните податоци, пакет од 10 јајца достигна цена од 4,95 долари, а некои големи синџири, како Costco и Trader Joe’s, воведоа ограничувања на продажбата по клиент.
На интернет пребарувачот на големиот трговски центар Walmart, најевтина понуда за јајца е за пакување од 60 парчиња од класата А односно најмалите јајца во малопродажба па така пакување од две табли чини 39,38 долари односно околу 2.300 денари. Или едно јајце е околу 39 денари
Со оглед на ситуацијата, турскиот извоз на јајца за САД се очекува да достигне 37 милиони долари оваа година, што е шесткратно повеќе од ланскиот извоз. Турција, која е петти најголем извозник на јајца во светот, минатата година извезла јајца во вредност од 411 милиони долари.
Во исто време, американското Министерство за земјоделство прогнозира дополнителен пораст на цените за 20% оваа година, по веќе зголемените 15,2% минатиот месец, што ја прави ситуацијата со јајцата уште потешка за потрошувачите.
Турција, која го презема товарот на снабдувањето, ќе продолжи да игра клучна улога во светскиот извоз на јајца, во време на глобални кризи кои ја нарушуваат стабилноста на пазарите.