И зимава евтина дневна тарифа за струја само од 13 до 15 часот
До пролет ќе нема промена на временскиот период во кој домаќинствата можат да користат евтина дневна тарифа за електрична енергија, најави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, најави дека евтината дневна тарифа за електрична енергија за домаќинствата ќе остане непроменета до пролет.
На денешната прес-конференција, Бислимоски изјави дека анализите покажуваат најниски цени на електричната енергија во периодот од 12 до 16 часот, но поради стекнатите навики на домаќинствата, одлуката за евентуално продолжување на евтината дневна тарифа ќе се разгледа во пролет, во зависност од состојбата на АД ЕСМ.
„Имавме состанок со ЕСМ и со ЕВН Хоум на почетокот на октомври за воведување дополнителен час евтина дневна тарифа на електричната енергија за домаќинствата. Нашите анализи покажуваат дека цената на електричната енергија на најголемата берза во регионот, како и на нашата берза се најниски во периодот од 12 до 16 часот, а се највисоки од 20 до 24 часот. Имајќи во предвид дека нашите домаќинства веќе имаат стекнати навики во однос на евтината тарифа се одлучивме до пролетта да остане ситуацијата таква каква што е, а потоа врз основа на состојбата во АД ЕСМ ќе носиме понатамошни одлуки, рече Бислимоски во одговор на прашање на денешната прес-конференција.“
Македонија останува единствената земја во регионот со евтина тарифа во текот на денот. Во моментов, евтината тарифа е достапна од 13 до 15 часот и од 22 до 7 часот, како и цел ден во недела.
-Македонија е единствена држава во регионот каде што има евтина тарифа во текот на денот. Електродистрибуција како компанија која управува со дистрибутивниот систем во наредниот период ќе започне да набавува паметни броила кои ќе им овозможат на снабдувачите да дадат поинтересни понуди кај домаќинствата и на дневно ниво да ги известуваат каква би била цената следниот ден, посочи Бислимоски.
Дополнително, Електродистрибуција ќе започне со набавка на паметни броила, кои ќе овозможат динамични понуди за домаќинствата и информирање за цените на струјата на дневно ниво.