|

Заедницата за да го надмине предизвикот со сегрегацијата

Во организација на Општина Битола, здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ и со поддрша од Мисијата на ОБСЕ, денес се одржа тркалезна маса на тема: Инклузивно Образование и Поттикнување на Социјална Кохезија во Битола. На темата, своите гледишта, предлози и планови ги презентираа Амбасадорот Килијан Вал – шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Тони Коњановски, градоначалник на општина Битола и Елена Ивановска, државен секретар во Министерство за Образование и Наука.

На настанот беше потенцирано дека, Битола ги мобилизираше своите ресурси и заедницата за да го надмине предизвикот со сегрегацијата, препознавајќи дека сегрегацијата во основните училишта не само што ја продолжува нееднаквоста, туку и ја попречува социјалната кохезија и развој. Општината Битола го прифати предизвикот да се справи со сегрегацијата во основното образование, гледајќи го како локална одговорност и пошироко прашање на човекови права и политика.

„Зборуваме за социјална кохезија, десегрегација, неподеленост во училиштата, поими кои во последните години стануваат се поактуелни, а со тоа и нашиот заеднички ангажман во соработка со граѓанскиот сектор, и ОБСЕ да го решиме тој проблем. Зборувавме за едно од училиштата во кое е наведен тој проблем, училиштето „Ѓорѓи Сугарев“. Од една страна ја имаме законската регулатива која укажува на реонизација во делот на запишување на децата во училиште по региони, а од друга страна зборуваме за слобода на избор на родителите да го запишат детето онаму каде што тие посакуваат. Треба да се најде нешто помеѓу, како не би ги двоеле децата, како не би правеле паралелки со едни или други, во овој случај зборувам најчесто за ромската популација и се надевам со поддршка од невладиниот сектор, ќе најдеме соодветни решенија, како што веќе имаме добра соработка со „Сумнал“во делот на интеграција на ромската популација и на сите проекти кои ги прават за интеграција на Ромите. Имаме многу заеднички проекти и велам дека ќе изнајдеме заедничко решение, како овој процес да го тргнеме да нема „наши“ и „Ваши“, едноставно да продолжиме како во еден период кога јас се образував и не постоеше таква поделеност во училиштата“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Градоначалникот посочи дека, контекст на континуираните заложби на локалната самоуправа, потврда се и проектите „Ромактед“, Проектот „Баир“ и други проекти преку кои општината ги подобрува условите за домување на Ромите, овозможува подобри услови, дидактички материјали и стимулативна наставна средина, се со цел, зголемување на атрактивноста на образовната средина на училиштето „Ѓорѓи Сугарев“ и инвестирање кон можности за инклузивно образование, градење соживот и заедништво од најрана возраст. Претставниците од општинската администрација, изминатиот период работеа директно на терен се со цел идентификување на потребите и проблемите на ромското население и обезбедување поддршка за дооформување на образованието, зголемена едукација, создавање можности за работен ангажман и вработување, како и елиминирање на било какви разлики и постигнување соработка и заедништво.

За активната вклученост на општината и преземањето мерки за решавање на проблемот на сегрегација, говореше и Фатма Бајрам Аземовска, од здружението „Сумнал“:

„Денес, дојдовме тука за да разговараме за проблемите и потребите и многу важно за да изнајдеме решенија. Многу сум среќна дека не само што разговараме, туку имаме можност денеска да создадеме. Морам да упатам благодарност до Општина Битола и градоначалникот Тони Коњановски, до Мисијата на ОБСЕ, за поддршката и за големиот чекор што ние го правиме. За жал, секаде се зборува за сегрегацијата, но ние ќе излеземе како победници со донесување на решенија кои ќе можат да се реализираат, ќе ги видиме резултатите и јас ќе бидам премногу горда, доколку ние имаме после што да зборуваме и да ги споделиме нашите резултати. Меѓутоа, пресреќна би била доколку, сето она што ќе го разговараме ќе може да се донесе на Совет на Општина Битола, препораките и заклучоците, затоа што само така ќе можеме да се бориме со сегрегацијата со законски можности. А исто така, наш партнер за исклучување на сегрегацијата е и Министерството за образование“, изјави Фатма Бајрам Аземовска, нагласувајќи дека главен приоритет останува квалитетното образование и надминувањето на стереотипите и предрасудите во македонското општество.

Денешната тркалезна маса ги вклучува следните резултати: сеопфатно разбирање на основните причини и тековната состојба на сегрегација во основните училишта во Битола, идентификација на успешни локални решенија за десегрегација, развој на акционен план со назначени одговорности и временски рокови, како и зајакната соработка меѓу локалните претставници и заедницата за одржување на тековните напори за десегрегација.

Слични Објави